International Opera Day (25.10.2024) with Macedonian Opera Singer - Mrs. Slavica Petrovska Galic

Поделиться
HTML-код
  • Опубликовано: 28 сен 2024
  • Македонската порака на оперската првенка Славица Петровска - Галиќ, по повод Меѓународниот ден на операта - 25.10.2024:
    Познато е дека операта претставува најсложена уметничка форма. Во неа се обединети повеќе елементи - покрај вокалната и инструменталната музика, како нејзини основни чинители, тука се и драмската уметност преку глумата, балетската уметност преку танцувачките фрагменти, како и ликовната уметност изразена преку сценографските и костимографските решенија. Сите тие, ја чинат комплексноста на оперското дело, кое, токму затоа, има неверојатна моќ да претстави една сосем поинаква димензија, која во стварноста, на имагинацијата ѝ дава конкретен предзнак и ја прави реална и вистинита.
    Како уметник, кој целиот свој професионален живот ѝ го посвети на оваа возвишена уметност, ми претставува особена чест, оваа година да ја пренесам пораката по повод меѓународниот ден на операта.
    Преку оваа порака, сакам да го подвлечам нејзиниот повеќевековен живот, уште од преминот на ренесансата кон барокот, кога преку раните обиди ги прави своите први чекори, потоа преку устоличувањето во периодот на барокот, зрелоста во класицизмот и особено во времето на романтизмот, па се до современите изблици на 20-тиот и 21-виот век. Во текот на целиот свој пат, низ сите историски, социјални и културни премрежија низ кои, во разни периоди поминувало општеството, таа претставувала една константа, обединувач на спротивните страни, посебна величественост... Изблик на внатрешен крик на творците... Испратена, но и примена порака... Често, производ на потребата за промени... Медиум за изразување... И, секогаш, атрактивна, привлечна и особено почитувана форма на креативноста...
    На меѓународниот ден на операта, особено сакам да потсетам и на македонското оперско творештво, кое годинава, одбележува свој јубилеј - 70 години од првата македонска опера. Пред точно седум децении, кога на оперската сцена за прв пат прозвуче првата македонска опера „Гоце“ на Кирил Македонски, се создаде основата на која подоцна се разви оваа, особено значајна гранка на домашното творештво. Потоа следеше една низа од вистински оперски бисери, како „Цар Самоил“, „Разделба“, „Илинден“ и други, па се до творбите на новиот милениум „Лидија од Македонија“ и „Змејовата невеста“... Големи оперски дела, во кои македонските вокални уметници го вложуваа целиот свој професионален капацитет за истите успешно да ги донесат пред публиката...
    Она со што сакам да ја заокружам мојата овогодинешна порака е истото, што низ мојата долгогодишна педагошка работа им го пренесував и на моите студенти. На сите млади луѓе, кои почнуваат да се занимаваат со оперската уметност, но и на сите оние, кои веќе го започнале остварувањето на своите цели на сцената, им порачувам да бидат посветени, истрајни и одговорни. Патот до креирањето на една улога е тежок, напати трнлив, но истовремено и убав и племенит. На публиката пак, за која искрено настапувам целиот свој живот, ѝ посакувам долго да ужива во восприемањето на оперската уметност, да црпи енергија од нејзе и да се восхитува на креациите на моите колеги, особено помладите генерации оперски исполнители кои во иднина ќе бидат стожерот на оперскиот живот кај нас.

Комментарии •